Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги повика американските Федерални резерви (ФЕД) да ги намалат каматните стапки откако утрово беше објавен извештајот за вработеноста во април, кој беше подобар од очекуваното.
- Бензинот штотуку ја проби границата од 1,98 долари за галон, што е најниска цена во последните неколку години, цените на намирниците (и јајцата!) паднаа, цената на енергијата е во пад, каматните стапки на хипотеките паднаа, вработеноста е силна и уште многу добри вести, бидејќи милијарди долари пристигнуваат од царините, наведе Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој подвлече дека ова е „преодна фаза“ и дека „тукушто почнуваме“.
- Потрошувачите со години чекаат цените да паднат. Нема инфлација, ФЕД треба да ја намали својата каматна стапка, порача американскиот претседател.