Трамп поради мигрантите сака да го активира ретко користениот закон од 1807 година

22.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп поради мигрантите сака да го активира ретко користениот закон од 1807 година

На неговиот прв ден назад во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за прогласување вонредна состојба на јужната граница на САД поради илегалната миграција и побара од неговите високи функционери да проценат дали треба да се активира ретко користениот закон од 19 век.

Ова е Законот за востание од 1807 година, кој му дозволува на претседателот да користи воени сили за извршување полициски должности во Соединетите Држави.

Американските медиуми јавуваат дека министерот за одбрана Пит Хегсет и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, на кои Трамп им ја довери проценката на ситуацијата, ќе ги објават препораките подоцна оваа недела.

Откако се врати на власт, Трамп силно се фокусираше на сузбивање на илегалната имиграција, а бројот на гранични премини моментално е на најниско ниво во последните 25 години. Меѓутоа, со активирање на овој закон, претседателот би можел дополнително да ги прошири своите овластувања.

Што е Законот за бунт од 1807 година?

Тој закон од 19 век му дозволува на претседателот да користи активни воени сили за да ја контролира американската територија. Ова ја вклучува Националната гарда, дел од вооружените сили на САД што вообичаено е распоредена за домашни итни случаи и катастрофи.

Американските претседатели можат да го користат тој закон доколку веруваат дека има „незаконски опструкции, немири или собири“ против владата што го прават „невозможно спроведувањето на законот преку стандардни судски процедури“.

Кога ќе се активира законот, воените сили можат да извршуваат низа задачи, од сузбивање на граѓански немири и спроведување на судски наредби, до апсење и притворање. Бидејќи законот е напишан нашироко и без јасни насоки за условите за употреба, претседателите имаат широки овластувања во одлучувањето дали да ја ангажираат војската во домашните операции.

Зошто Трамп сака да го користи овој закон?

За време на неговата изборна кампања, Трамп вети жестока борба против илегалната имиграција, нарекувајќи ја ситуацијата на јужната граница „национална вонредна состојба“ која поефективно ќе се реши со користење на овој закон.

На неговиот прв ден на функцијата во јануари, тој побара „препораки за дополнителните мерки неопходни за целосна оперативна контрола на јужната граница, вклучително и можното повикување на Законот за бунт од 1807 година“.

Администрацијата веќе покрена низа драстични мерки поврзани со границите, вклучително и голема операција за депортација и контроверзниот потег за префрлање на наводните членови на венецуелски банди во затвор во Ел Салвадор, одлука што во моментов се оспорува пред судовите.

Во исто време, американската гранична полиција забележала само 8.300 апсења на мигранти, што е најниско ниво на илегални преминувања од 2000 година.

Како се користеше законот во минатото?

Законот за бунт е користен само неколку пати во американската историја. Абрахам Линколн го користел за време на бунтот на јужните држави во Американската граѓанска војна, а претседателот Улис С. Грант го активирал против насилството на расистичката милитантна организација Кју Клукс Клан по војната.

Во 20 век, претседателот Двајт Ајзенхауер го искористил за да обезбеди воен пристап до црните ученици во средното училиште во Литл Рок, Арканзас, откако гувернерот одбил да ја спроведе федералната наредба за десегрегација.

Најновата употрееба беше во 1992 година за време на големите немири во Лос Анџелес, по ослободувањето на четворицата бели полицајци обвинети за претепување на Афроамериканецот Родни Кинг. Тогашниот претседател Џорџ Буш постариот испрати маринци и армија, како и членови на Националната гарда.

Дали има некакви ограничувања?

Американската влада традиционално ја ограничува употребата на воена сила на територијата на САД, особено против сопствените граѓани. Законот наречен Posse Comitatus Act од 1878 година беше донесен токму за да се ограничи способноста на војската да врши полициски должности. Во турбулентни ситуации, федералните држави обично распоредуваат Национална гарда.

По враќањето на власт, Трамп ги прошири своите овластувања со прогласување национални вонредни состојби, што му дава на претседателот пристап до дополнителни ресурси и овластувања. Ги искористи за воведување царини, но и контроверзни потези поврзани со имиграцијата.

Во март, откако прогласи вонредна состојба, Трамп го активираше ретко користениот Закон за надворешни непријатели од 1798 година за да ги депортира мигрантите за кои вели дека се членови на банди, но Врховниот суд на САД неодамна привремено ја блокираше таа одлука.

Доколку Трамп одлучи да го активира Законот за бунт, се уште не е јасно какви правни предизвици го чекаат.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата