Бенјамин Нетанјаху „штотуку разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп“, се вели во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер, во кое се вели дека Трамп го поканил „на претстојна средба во Белата куќа“, објави Ројтерс.
„Двајцата лидери во разговорот ја истакнаа важноста од разоружување на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа и нивната посветеност кон таа цел, и разговараа за проширување на мировните договори“, се додава во соопштението, без да се прецизира.
Доналд Трамп претходно го предупреди Израел против какво било мешање во Сирија што би можело да ја загрози транзицијата на арапската земја во „просперитетна држава“ откако израелските сили ја нападнаа јужна Сирија во петокот.
„Многу е важно Израел да одржува силен и искрен дијалог со Сирија, за ништо да не го попречи развојот на Сирија во просперитетна држава“, рече американскиот претседател на неговата платформа Truth Social, додавајќи дека САД се „многу задоволни од постигнатите резултати“ од Дамаск.
Израелски упади во Сирија
Во упадот на израелските сили во село во јужна Сирија во петокот загинаа 13 лица, според Дамаск, додека израелската војска тврди дека целта била исламистичка група.
Од падот на претседателот Башар ал-Асад пред речиси една година, Израел изврши стотици воздушни напади и упади во Сирија. Операцијата во петокот беше најсмртоносна од сите, а сириското Министерство за надворешни работи ја осуди како „воено злосторство“.
Доналд Трамп го прими новиот шеф на државата Сирија, Ахмад ал-Шара, во Белата куќа на почетокот на ноември, кога поранешниот џихадист објави дека неговата земја ќе се приклучи на меѓународната коалиција за борба против Исламската држава.
„Новиот сириски претседател Ахмад ал-Шара работи вредно за да се осигури дека ќе се случат добри работи и дека Сирија и Израел ќе имаат долг и просперитетен однос заедно во иднина“, рече Доналд Трамп во објава на Truth Social во понеделник. „Ова е историска можност и се надополнува на успехот што веќе е постигнат за мир на Блискиот Исток“, додаде тој.

