Тајван подготвува историски дополнителен буџет за одбрана од 1,25 трилиони тајвански долари (40 милијарди американски долари) во текот на следните осум години, потег што, според лидерот Лаи Чинг-те, ја нагласува посветеноста на островот да ја зачува својата демократија.
- Инвестирањето во одбраната е инвестирање во безбедноста и во мирот, изјави Лаи на синоќешната прес-конференција.
Лаи истакна дека додека Кина го засилува воениот притисок, демократските земји од Индо-Пацификот – вклучувајќи ги Јапонија, Јужна Кореја, Филипините и Австралија – формираат консензус за „одбрана на островскиот синџир и споделена одговорност“, зголемувајќи ги трошоците за одбрана за да се спротивстават на кинеските закани.
Тој додаде дека Тајван има намера да ги користи средствата планирани за периодот 2026 до 2033 година за финансирање на нови набавки на оружје од САД и за зајакнување на неговите асиметрични одбранбени капацитети.
Кина го смета демократски управуваниот остров, кој е самоуправуван со децении, како дел од својата територија и се обидува да го стави Тајван под своја контрола – доколку е потребно, со воени средства.
Лаи во текст за „Вашингтон пост“, објавен вчера, напиша дека се очекува трошоците за одбрана на Тајван да се зголемат на 3,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП) до 2026 година, со долгорочна цел да се зголемат на 5 отсто до 2030 година – што тој го опиша како најголема одржлива воена инвестиција во модерната историја на Тајван.
Планот за трошење сè уште треба да биде одобрен од парламентот, во кој во моментов доминира опозицијата, особено Куоминтанг, партија пријателски настроена кон Кина.
Лаи го опиша специјалниот буџет како суштински, поттикнат од кинеската закана.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно го повика Тајван да инвестира повеќе во сопствената војска.
Забелешките на Лаи доаѓаат по дипломатската ескалација меѓу Кина и Јапонија, откако јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека кинески напад врз Тајван би бил „егзистенцијална криза“ што би можела да ја наведе Јапонија да го искористи своето право на самоодбрана.
Коментирајќи ги изјавите на Такаичи, Лаи рече дека се надева оти Кина признава дека регионалната стабилност е заедничка одговорност.

