Документот, насловен „Стратегија на националната политика на Русија во периодот до 2036 година“, предвидува мерки со кои до 2036 година треба да се обезбеди 95 отсто од населението на тие подрачја да се изјаснува како руско.
Во него се нагласува дека е клучно да се преземат дополнителни напори за да се зајакне целокупниот руски граѓански идентитет, да се обезбеди употреба на рускиот јазик и да се потиснат „напорите на непријателските странски држави да ги дестабилизираат меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи и да создадат поделби во општеството“.
Иако многумина жители на Украина претходно се чувствувале блиски до Русија и повеќето зборуваат и украински и руски, по инвазијата што Москва ја започна во 2022 година, таквите симпатии речиси исчезнаа, наведува Дојче веле.
Употребата на рускиот јазик исто така значително опадна, покажуваат истражувањата.
Кога ја започна инвазијата на Украина, Путин изјави дека целта на Русија е да ја „демилитаризира и денацифицира Украина“ и да го заштити руското говорно население на истокот од она што Кремљ го опишуваше како „очигледна дискриминација“.
Иако украинскиот е единствен државен јазик од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, властите во Киев ги отфрлаат тврдењата дека руското говорно население било изложено на каква било дискриминација, пренесе Дојче веле.

