Турските власти утрово соопштија дека еднодневните патнички премини на три турско-ирански гранични премини се суспендирани во двата правци и дека Турција им дозволува влез само на своите граѓани и државјани на трети земји што влегуваат во Турција.
Некои од патниците вчера за Ројтерс изјавија дека на некои Иранци им е спречено да преминат во Турција. Но, до денес попладне, Иранците почнаа да преминуваат во Турција на граничниот премин Капиќој во турската покраина Ван, еден од главните копнени премини меѓу Турција и Иран.
„Има редици на бензинските пумпи“
„Ситуацијата во Техеран е веќе тешка. Тешки работи се случуваат во Техеран, бомбардирања, сите се исплашени“, рече еден човек кој пристигна од иранската престолнина, одбивајќи да го открие своето име, но велејќи дека неговата сопруга и децата се во Истанбул.
Тој нагласи дека на првиот ден од војната во Техеран ги купил најважните предмети за домаќинството, но дека продавниците биле полни со луѓе.
Бинали Килич, иранско-азербејџанец од областа Казвин во близина на турската граница, рече дека животот таму продолжува, но дека постојаното бомбардирање на воените области влијаело врз животите на луѓето. „Тие се повлекле во себе. Секој е во своите домови. Звуците од бомбардирањето може да се слушнат од блиските погодени области“, рече Килич.
„Нема проблеми со снабдувањето со храна или други неопходни работи, единственото нешто што ги загрижува луѓето е како да набават гориво за возење, без оглед дали станува збор за долго или кратко патување. Има редици на бензинските пумпи“, додаде тој.
Турскиот министер се обрати
Претходно, турскиот министер за трговија Омер Болат изјави дека Иран им дозволува на своите граѓани да влегуваат во Иран преку Турција и додаде дека транзитот на комерцијален товар на сите три премини продолжува под контролирани услови.
„Сите наши единици продолжуваат да ги извршуваат своите должности во висока готовност за да гарантираат непречено продолжување на турските гранични премини и трговските текови“, рече Болат.

