Експертите предупредуваат: Затворањето на Ормутскиот теснец ќе ја зголеми цената на нафтата и над 100 долари

2.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Експертите предупредуваат: Затворањето на Ормутскиот теснец ќе ја зголеми цената на нафтата и над 100 долари

Експертите за енергија и инвестициските банки предвидуваат остар скок на цените на нафтата поради конфликтот на Блискиот Исток, а се очекува цената за барел да достигне 90 долари оваа недела, со сериозни шанси да ја надмине границата од 100 долари ако продолжат прекините во снабдувањето преку Ормутскиот теснец.

САД и Израел го нападнаа Иран тој викенд, а Техеран возврати со напади врз американските воени бази во регионот.

Во својот основен случај, инвестициската банка Ситигруп очекува цената на нафтата од типот Брент да се движи помеѓу 80 и 90 долари за барел оваа недела, објавува Блумберг.

Нејзините аналитичари претпоставуваат дека конфликтот би можел да биде запрен во рок од две недели, доколку има промена во иранското раководство или САД одлучат да ги запрат своите операции откако ќе ослабат воените капацитети на Иран.

Аналитичарите од агенцијата Вуд Мекензи имаат многу попесимистичка прогноза.

Според нивната анализа, затворањето на Ормутскиот теснец директно загрозува 15 проценти од светските резерви на нафта и 20 проценти од светските резерви на течен природен гас (LNG), па затоа цените на нафтата би можеле да надминат 100 долари за барел доколку транспортните текови не се нормализираат брзо.

Потпретседателот на агенцијата „Вуд Мекензи“, Алан Гелдер, прави паралела со раните денови од конфликтот во Украина, кога стравот од губење на руските енергетски ресурси ги натера цените на нафтата да пораснат на повеќе од 125 долари за барел, објавува порталот „Оилпрајс“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата