Стоп за илегалниот сунет во Белгија: Се запленуваат ножеви, никој не е уапсен

14.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Стоп за илегалниот сунет во Белгија: Се запленуваат ножеви, никој не е уапсен

Полицијата утрово изврши рации на три локации во Еврејскиот кварт и блискиот Зелен кварт, запленувајќи ножеви и друга опрема што се користи за обрежување, според извештајот, објави белгискиот јавен радиодифузен сервис VRT, пренесе Тајмс оф Израел.

„Предмети што укажуваат на можна вмешаност во овие нелегални обрежувања се пронајдени и запленети за понатамошна истрага“, изјави Кристоф Ертс од канцеларијата на јавниот обвинител во Антверпен, додавајќи дека се запленети ножеви и комплети за обрежување.

Претреси биле наредени од судија по жалба од еврејската заедница, а во операцијата никој не бил приведен, соопшти Обвинителството.

„Во моментов никој не е уапсен, но осомничените се поканети да дадат изјави во полицијата. Станува збор за лица кои се идентификувани како вмешани во овие нелегални обрежувања“, додаде портпаролот на јавното обвинителство.

Полицијата е загрижена за можноста еврејските обрежувања да ги вршат мажи кои немаат соодветна медицинска обука.

Европската еврејска асоцијација (EJA) за новинската агенција Белга изјави дека ја осудува оваа акција.

„По забраната за ритуално колење, вознемирувањето на мохелите (лица кои вршат ритуално обрежување) претставува ново преминување на границата и јасен предупредувачки сигнал за белгиските Евреи и белгиската влада“, се вели во соопштението, во кое се повикува на усвојување закон со кој „експлицитно би се признало обрежувањето како заштитен елемент на верската слобода“.

Според ЕЈА, полицијата извршила рации во становите на неколку „мохели“, конфискувала ножеви и побарала список на деца кои биле обрежани таму во изминатата година.

Организацијата го нарекува ова „уште едно кршење на црвената линија во заплашувањето на еврејските верски водачи во Белгија“. Ритуалното обрежување сè уште не е забрането во ниту една европска земја, иако имало обиди во неколку земји.

Многу земји, вклучувајќи ја и Белгија, дозволуваат само лиценцирани хирурзи да го изведуваат религиозниот ритуал, кој често се изведува во синагога. Минатата година, властите во Ирска уапсија лондонски рабин за наводно извршување ритуали на обрежување без потребните медицински квалификации.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата