ССМ на 1 Мај ќе ги повтори барањата за зголемување на минималната плата и на останатите плати

16.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ССМ на 1 Мај ќе ги повтори барањата за зголемување на минималната плата и на останатите плати

Сојузот на синдикати на Македонија на Првомајскиот протест повторно ќе побара зголемување на минималната плата на 500 евра, како и зголемување на останатите плати за 100 евра и зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти согласно Општиот колективен договор. 

-  Сведоци сме дека денеска, за креаторите на политиките е најважно да ги зачуваат нивните енормно покачените плати сега веќе за 79 проценти, а од друга страна, дел од работниците во јавниот сектор не добија усогласување на нивните плати со порастот на просечната плата согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, не го прифатија барањето на ССМ за зголемување на минималната плата за дополнителни 6.000 денари со зголемување и на останатите плати за истата вредност. Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Денес, сите Ние, сите Вие, имаме и имате можност и шанса да покажеме дека тие кои ја водат Државата треба да го слушнат гласот на работниците, имаме можност да го покажеме работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, на кој ќе ги упатиме пораките, нашите и работничките барања, стои во денешната објава од ССМ испратена до медиумите.

Протестот со кој ССМ ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот ќе започне во 11 часот од Работничкиот дом во Скопје и ќе продолжи пред Собранието и Стопанскста комора, а ќе заврши пред Владата.

Минималната плата е зголемена за 1.800 денари и сега изнесува околу 24.400 денари. Од Владата велат дека зголемувањето на минималната плата е согласно критериумите во Законот за минимална плата, но од Сојузот на синдикати на Македонија го спорат донесувањето на ваквата одлука затоа што не е помината на Економско-социјалниот совет, кој, пак, нема одржано седница затоа што се чека одлука од Комисијата за репрезентативност која треба да одлучи за репрезентативноста на ССМ. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата