Според достапните информации на Телеграф, приватните комуникации на самиот врв на владата во Лондон биле изложени на Пекинг најмалку од 2021 до 2024 година.
Нападите биле насочени кон помошниците на тогашните премиери Борис Џонсон, Лиз Трас и Риши Сунак. Иако не е потврдено дека телефоните на самите премиери биле компромитирани, извор близок до истрагата вели дека пробивот отишол „директно во срцето на Даунинг стрит“.
Извори од американските разузнавачки служби тврдат дека операцијата, позната како „Солтен тајфун“, била долготрајна и дека постои можност сегашниот премиер Кир Стармер и неговите најблиски соработници да биле откриени. Британската служба MI5 издаде официјално предупредување до парламентот во ноември за заканата од кинеска шпионажа.
Откритијата доаѓаат во особено чувствително време, бидејќи Кир Стармер патува во Кина оваа недела, што е прва посета на британски премиер на Пекинг од 2018 година. Посетата следи по одлуката на владата да одобри изградба на голема кинеска амбасада во Лондон, во близина на клучните комуникациски кабли, што предизвика остри критики од некои во политичката заедница.
Според истрагата, кинеските хакери потенцијално би можеле да читаат пораки, да слушаат повици или барем да собираат метаподатоци, вклучувајќи информации за тоа кој со кого комуницирал и колку често, како и приближните локации на службените лица. Дури и без директно прислушување, ваквите податоци имаат огромна разузнавачка вредност.
Нападите на Даунинг стрит беа дел од поширока глобална шпионска кампања, во која беа вклучени и САД, како и други членови на алијансата „Пет очи“: Австралија, Канада и Нов Зеланд. Иако прекршувањата започнаа во 2021 година, разузнавачките агенции ги открија дури во 2024 година, откако САД открија упади во телекомуникациските мрежи низ целиот свет.
Поранешната советничка за национална безбедност на САД, Ен Нубергер, изјави дека хакерите имале можност да снимаат телефонски разговори по потреба, додека ФБИ предупреди дека ваквите напади овозможуваат долгорочно следење на движењата и комуникациите на цели низ целиот свет.
Кина претходно ги отфрли сите обвинувања, нарекувајќи ги неосновани и политички мотивирани. Портпаролот на кинеската амбасада изјави дека Кина не ги охрабрува ниту поддржува кибер нападите и дека самата е честа жртва на кибер шпионажа.
Сепак, западните разузнавачки агенции го опишуваат Пекинг како еден од најсофистицираните и агресивни актери во кибервојната и електронското прислушкување. Поранешниот израелски разузнавачки службеник Јувал Волман го опиша „Солт Тајфун“ како една од најозлогласените и најопасните операции за кибер шпионажа во светот, со потврдени прекршувања на европската критична инфраструктура.
Британскиот парламентарен разузнавачки комитет неодамна заклучи дека на владата ѝ недостасува јасна стратегија кон Кина, ниту координиран одговор на овој вид закана. Владата на Велика Британија одби дополнително да коментира за најновите откритија.

