„Последниот масовен руски воздушен напад беше одговорот на Путин на сите оние кои неодамна го посетија и го повикаа. Путин јасно стави до знаење дека сака војна и продолжува да зборува со јазикот на ултиматумите. Треба да го принудиме да склучи мир, а не да го бараме тоа од него“, нагласи украинскиот министер на заедничката прес-конференција со австрискиот колега Александар Шаленберг во Виена.
Според него, Русија продолжува со бруталните напади врз енергетскиот систем на Украина, а последниот таков напад бил еден од најголемите.
„Руски ракети дури беа насочени кон нашите нуклеарни постројки. Ова е важно да се нагласи, бидејќи е создаден реален ризик од нуклеарен инцидент“, рече Сибиха, пренесува Укринформ.
Шаленберг изјави дека Русија намерно го ескалира конфликтот, вклучувајќи ги севернокорејските трупи, но исто така ја користи енергијата како оружје, не само во Украина.
„Австрија директно го почувствува тоа пред неколку дена откако Гаспром го прекина снабдувањето со гас на австриската ОМВ, но нашата заедничка задача е да се спротивставиме на притисокот и уцената. Истото важи и за руската нуклеарна уцена, промената на нуклеарната доктрина и неодамнешните закани, кои треба да се гледаат како уцена, Русија повеќепати ја користеше оваа тактика за да ги исплаши Украина, Европа“, предупреди шефот на австриската дипломатија.
Сибиха и се заблагодари на Австрија за поддршката на меѓународното право и мировната формула на претседателот на Украина Володимир Зеленски, како и за хуманитарната и финансиската помош за Украина. Тој изрази надеж дека следната сојузна влада на Австрија „ќе продолжи со конструктивниот дијалог за доброто на нашиот народ“.
Сибиха денеска е во посета на Австрија. Тој во Виена ќе разговара и со генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, за руските напади врз украинскиот енергетски систем, особено врз објектите за нуклеарна енергија. /МИА