Следниот ноември, шведската влада планира да го укине данокот на пластичните кеси, што по неговото воведување во 2020 година придонесе за пад на нивната продажба во земјата.
„Убедени сме дека граѓаните мудро ги користат пластичните кеси во секојдневниот живот, така што нема причина дополнително да се оданочуваат“, изјави шведската министерка за клима Ромина Пурмохтари за телевизијата СВТ.
Во соопштението за медиумите, владата дополнително објасни дека во однос на надоместокот, кој изнесува три шведски круни (0,25 евра), гледаат негативни ефекти, како што се високите административни трошоци и зголемената потрошувачка на алтернативни производи како хартиени кеси. Според нив, производството на заменски производи може да бара уште поголема потрошувачка на енергија и вода.
Скандинавската земја воведе данок на пластичните кеси во 2020 година, а податоците на Шведската агенција за заштита на животната средина покажуваат дека тоа придонесе за намалување на продажбата на пластични кеси во земјата. Додека просечниот граѓанин купуваше 74 такви кеси годишно во 2019 година, оваа бројка падна на 17 во 2022 година, што е далеку под целта на ЕУ од 40 купени кеси по лице годишно до 2025 година.
Одлуката на владата доаѓа само една недела откако десничарската влада, која ја презеде власта во октомври минатата година со поддршка на екстремно десничарските Шведски демократи, ги објави плановите за намалување на даноците за гориво. Споменатите одлуки веќе предизвикуваат загриженост кај шведската јавност дека новата влада во оваа област, по години пионерски напори на Шведска во спроведувањето на политиката за животна средина и климата, прави чекори наназад.
Како одговор на одлуката на шведската влада, Агенцијата за заштита на животната средина и Агенцијата за поморство и водостопанство предупредија дека намалувањето или укинувањето на данокот може да доведе до зголемување на бројот на пластични кеси во природата.
Истовремено, се зголемува ризикот да не се постигне навреме целта на ЕУ.
Данокот на пластичните кеси покажа дека финансиските мерки се ефикасен начин за намалување на употребата и потрошувачката на пластичните кеси“, се резимира во соопштението на Агенцијата за заштита на животната средина.