Шмихал: Договорот за минерали со Вашингтон нема да ја вклучува претходната помош

28.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Шмихал: Договорот за минерали со Вашингтон нема да ја вклучува претходната помош

„Постигнат е договор документот да не ја зема предвид помошта дадена пред неговото потпишување“, објави Шмихал синоќа на Телеграм. Тој, откако минатата недела престојуваше во САД на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, рече дека е постигнат добар напредок околу договорот по средбата со американскиот министер за финансии Скот Бесент.

„Најважно е што јасно ги дефиниравме нашите црвени линии — договорот мора да биде усогласен со европските обврски и да не биде во спротивност со Уставот и законодавството на Украина“, нагласи тој. Шмихал додаде дека правните тимови работат на текстот на договорот.

Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц вчера изјави дека договорот ќе биде постигнат. Двете страни на 18 април потпишаа меморандум како прв чекор кон договор за развој на минералните ресурси во Украина — иницијатива што ја промовираше американскиот претседател Доналд Трамп.

Иако страните беа подготвени да потпишат договор за соработка во областа на природните ресурси уште во февруари, процесот беше одложен поради недоразбирање во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата