Шестмина повредени во напад со нож во средно училиште во Јужна Кореја

28.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Шестмина повредени во напад со нож во средно училиште во Јужна Кореја

Според државната новинска агенција Јонхап, ученикот бил вклучен во посебна образовна програма поради интелектуални потешкотии и наводно ги таргетирал наставниците и вработените во училиштето во Чеонгџу, околу 110 километри јужно од Сеул.

Ниту еден ученик не е повреден. Меѓу повредените, кои се пренесени во локалната болница со полесни до потешки повреди на лицето, стомакот и други делови од телото, е и директорот на училиштето. Никој од нив не е во животна опасност.

Осумнаесетгодишниот напаѓач побегнал во блискиот парк, каде скокнал во езеро, јавија локалните медиуми. Случаен минувач со презиме Ким се здобил со повреди на главата обидувајќи се да го спречи напаѓачот при бегството.

Полицијата на Чеонгџу соопшти дека осомничениот бил извлечен од акумулациското езеро за 12 минути по нападот и пренесен во болница. Мотивот за нападот сè уште се истражува.

Инцидентот се случува три месеци по трагедијата во основно училиште во Дајеон, каде учител усмрти осумгодишно дете. Минатата недела, пак, 33-годишен маж беше уапсен поради смртоносен напад со нож во супермаркет, при што уби една жена и повреди друга личност, а се претпоставува дека бил под дејство на алкохол.

Иако Јужна Кореја има ниска стапка на убиства од 1,3 на 100.000 жители, што е под светскиот просек од шест на 100.000, во последниве години земјата забележа неколку насилни инциденти, меѓу кои напади со нож на метро-станици, врз наставници и пешаци во близина на главниот град. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата