По часови исчекување, непосредно пред истекот на последниот ултиматум до Иран, Доналд Трамп го објави тоа што светот го чекаше 40 дена. Во објава на социјалните мрежи, американскиот претседател прогласи двенеделен прекин на огнот, период до кога треба да се постигне конечен мировен договор. Иран за возврат прифати да го отвори Ормускиот теснец.
Се согласувам да го прекинам бомбардирањето и нападот врз Иран во период од две недели. Од Иран го примивме предлогот во 10 точки, како добра основа за преговорите. , напиша Трамп на социјалните мрежи доцна синоќа.
Додека денеска потпретседателот Венс се обидуваше да ја стиши глобалната еуфорија. Од Будимпешта тој оцени дека се работи за кршливо примирје, кое може повторно да се разгори, ако Техеран не биде конструктивен соговорник.
-Денеска Иранците се согласија да го отворат теснецот, САД се согласија да не напаѓаат. Како што ми кажа претседателот синоќа, Иранците се подобри преговарачи отколку борци. Ни рече да седнеме на преговарачка маса, но ако Иранците не го сторат тоа, ќе откријат дека претседателот на САД не е некој со кого можат да се шегуваат. Тој е нетрпелив да постигне напредок. , изјави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД
Веста за постигнатото примирје молскавично се прелеа на улиците на Иран. Илјадници луѓе ја славеа како што порачаа победата над непријателот.
-Играта се промени. Сега САД сфатија дека Иран е суперсила. Ако договореното не се почитува, ќе се бориме. , жителка на Техеран.
-САД се хартиен тигар, разоткриен пред целиот свет. Сите сфатија дека тврдењата на Америка се празни. , изјави жител на Техеран.
-Непријателот во својата неправедна, незаконска и криминална војна против иранската нацијата претпре несомнен, историски и разурнувачки пораз. Иран постигна голема победа и ги принуди криминалната Америка да го прифати планот од 10 точки на Иран. , Иранска државна телевизија
Планот на Иран од 10 точки, кој треба да биде основа во преговорите, според главниот посредник Пакистан, ќе се најде на маса веќе в петок. Иако официјално не е познат, иранските медиуми побрзаа да ја објават содржината, од која добар дел изгледаат тешко остварливи за американската страна.
-Продолжена иранска контрола врз Ормускиот теснец во координација со иранските вооружени сили;
-Повлекување на американската војска од Блискиот Исток;
-Укинување на сите примарни и секундарни санкции врз Иран;
-Целосна компензација за штетите што ги претрпел Иран за време на војната;
-Прифаќање на иранската програма за збогатување ураниум.
Попладнево, Трамп експресно демантираше дека ураниумот воопшто е на преговарачка маса додека фокусот на светските лидери е како час поскоро да се обезбеди траен проток долж Ормускиот теснец, кој е под контрола на Иран.
-15 земји денеска се мобилизирани и партиципираат во планот, предводен од Франција, да спроведат строго дефанзивна мисија во (Ормускиот теснец) во координација со Иран. Штом се исполнат условите да се олесни циркулацијата. , изјави Емануел Макрон.
Цената на нафтата се намали за околу 15 проценти, што е најголем еднодневен пад во последните шест години и сега изнесува 94 долари за барел. Останува нејасно дали двонеделното примирје официјално го вклучува и Либан, откако Израел порача дека ги продолжува нападите врз цели на Хезболах.

