Разговорот доаѓа во време на зголемена европска загриженост за тоа што новата администрација, со нејзиниот пристап „Америка на прво место“, ќе значи за трансатлантските врски во одбраната и безбедноста, економијата, трговијата и други области, пренесе Индекс.
„Разговаравме за глобалните прашања каде ЕУ и САД имаат заеднички интереси, вклучително и руската војна во Украина, злобното влијание на Иран и предизвиците што ги носи Кина“, објави Калас на платформата „Х“.
„ЕУ и САД се секогаш посилни заедно. Со нетрпение очекувам да се сретнам наскоро“, рече поранешната естонска премиерка во својата објава.
Официјален претставник на ЕУ, кој сакал да остане анонимен, рече дека Калас и Рубио се фокусирале на заедничките приоритети.
„Тие се согласија за потребата да се одржи максимален притисок врз Москва за да се придвижи кон праведен и одржлив мир во Украина. Тие, исто така, разговараа за дестабилизирачката улога на Иран и политичката транзиција на Сирија“, рече претставникот.
Американскиот претседател Доналд Трамп побара членките на НАТО да трошат 5 отсто од својот БДП на одбраната, што е значително зголемување од сегашната цел од 2 отсто и ниво што во моментов ниту една земја на НАТО, вклучително и Соединетите држави, не го достигнува.
„Калас ги истакна зголемените инвестиции на Европа во одбраната и нејзината подготвеност да преземе поголема одговорност, заедно со важноста од диверзификација на снабдувањето со енергија“, рече претставникот на ЕУ.