САД ги убалажуваат санкциите против Сирија

24.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД ги убалажуваат санкциите против Сирија

Минатата недела, Трамп вети дека ќе ги суспендира санкциите за да ѝ помогне на Сирија да се опорави од разорната граѓанска војна.

Министерот за финансии Скот Бесент соопшти дека ублажувањето на санкциите е со цел да се поттикнат нови инвестиции во Сирија и да се поддржи патот на земјата кон мир и стабилност.

- Сирија, исто така, мора да продолжи да работи кон тоа да стане стабилна земја што ќе живее во мир, а денешните мерки, се надеваме, ќе ја стават земјата на патот кон светла, просперитетна и стабилна иднина, изјави Бесент.

Санкциите беа воведени од САД и други земји по граѓанската војна што избувна под водство на поранешниот претседател Башар ал-Асад. Неговиот режим беше соборен на почетокот на декември од страна на исламистички бунтовнички сојуз.

Според Министерството за финансии на САД, олеснувањето на санкциите ќе овозможи нова економска активност, вклучително и финансиски услуги и трансакции поврзани со нафта и нафтени производи со потекло од Сирија.

Министерството соопшти дека ќе бидат дозволени и договори со новата сириска влада, привремениот претседател Ахмед ал-Шара, сириската централна банка и други финансиски институции.

Сепак, остануваат во сила санкциите за трансакции што им користат на Русија, Иран или Северна Кореја.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека санкциите ќе бидат суспендирани 180 дена за да се осигури дека ограничувањата нема да ги блокираат инвестициите фокусирани на стабилноста во Сирија.

- Овие отстапки ќе го олеснат обезбедувањето струја, енергија, вода и ќе овозможат поефикасен хуманитарен одговор низ цела Сирија, рече Рубио.

Министерството за надворешни работи на Сирија го поздрави укинувањето на санкциите.

- Ова е позитивен чекор во вистинската насока за ублажување на хуманитарните и економските страдања во земјата, се вели во соопштението од сисриското МНР.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата