Русија и Украина седнаа на преговарачка маса, работите се поместија од мртва точка

16.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Русија и Украина седнаа на преговарачка маса, работите се поместија од мртва точка

Двете делегации излегоа со делумно оптимистички тонови, по првите директни разговори во палатата Долмабахче во Истанбул. Донесени  се неколку заклучоци. Преговорите да продолжат и да се разгледа можноста за евентуална директна средба меѓу Зеленски и Путин. Постигната е и согласност за досега најголемата размена на воени заробеници од почетокот на војната.

-Договоривме размена на илјада за илјада лица, работиме и на други модалитети, ќе бидеме во контакт со колегите и ќе размениме документи. , изјави Рустем Умеров, главен преговарач на Украина.

-Се договоривме секоја од страните да ја презентира своето гледиште за можно идно примирје и да се изнесат детали. Откако ќе биде презентирано, веруваме дека ќе биде соодветно, да ги продолжиме преговорите. , изјави Владимир Медински, главен преговарач на Русија.

Сега сите очи се вперени кон Трамп, кој е се погласен дека е време за негова средба со Путин и не исклучува можност наскоро да му телефонира. Истиот став го дели и официјален Кремљ.

 -Кога мислите да се сретнете со Путин? Најбрзо штом се договориме. , изјави Доналд Трамп. , претседател на САД.

-Таква средба е секако неопходна, пред сè од гледна точка на билатералните руско-американски односи, а и од гледна точка на разговор за сериозна дискусија на највисоко ниво за меѓународните работи и регионалните процеси, вклучително, секако, кризата околу Украина. , изјави Дмитри Песков, портпарол на Русија.

Случувањата во Истанбул со внимание се следат и во Тирана, каде 47 шефови на држави и влади, вклучително и премиерот Мицкоски учествуваат на шестиот Самит на Европската политичка заедница. Меѓу нив се и Ердоган и Зеленски, што самото по себе зборува за важноста на собирот, од каде не се исклучува можност да произлезе нов пакет санкции за Русија, која веќе е во најава. Во обраќањето, Зеленски кажа која е црвената линија на Киев пред да се постигне каков и да е договор со Москва.

-Нашиот приоритет број 1 е целосен и безусловен прекин на огнот да се случи што побрзо за да го спречи убивањето и да биде основа за дипломатија. Ако руските претставници во Истанбул не можат да се согласат на тоа ќе биде сто проценти јасно дека Путин продолжува да ја поткупува дипломатија. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

-Работиме на нов пакет санкции, вклучувајќи на пример санкции за Северен Тек 1 и Северна Тек 2, проширување на списокот на бродови на 'Shadow Fleet', како и намалување на на ограничувањето на цената на нафтата и дополнителни финансиски санкции против рускиот финансиски сектор. Она што е важно, ние сакаме мир и затоа ќе го зголемуваме притисокот се додека претседателот Путин не биде подготвен за мир. , изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК.

Во досегашниот конфликт меѓу Русија и Украина се проценува дека загинале околу 10 илјади цивили и повеќе десетици илјади војници од двете страни.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата