Рубио: Трамп нема да учествува во бескрајните преговори со Путин

7.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Рубио: Трамп нема да учествува во бескрајните преговори со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп нема да биде вовлечен во бескрајни преговори со Владимир Путин, за прекин на огнот во Украина, предупреди американскиот државен секретар Марко Рубио, додека сојузниците во НАТО бараат од шефот на Белата куќа да го зголеми притисокот врз Русија.

Зборувајќи на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО, Рубио ветил дека САД „во рок од неколку недели ќе знаат дали Русија е сериозна во врска со мировниот договор“, пишува британски Телеграф.

Велика Британија и Франција претходно го повикаа Трамп да заземе поостар став против Путин, чии сили продолжуваат да ја бомбардираат цивилната и енергетската инфраструктура во Украина, откако американскиот предлог за прекин на огнот беше одбиен.

„Претседателот Трамп нема да падне во замката на бескрајните преговори за преговорите. Ќе знаеме доволно брзо, за неколку недели, а не за месеци, дали Русија е сериозна за мир или не. Оваа ситуација нема да трае вечно. Има одредено време до кое ќе чекаме. Дотогаш ќе видиме дали се подготвени за мир или не, а тоа време доаѓа брзо“, рече Рубио.

Американскиот државен секретар одби да каже кога официјално ќе истече рокот на Путин да го потпише договорот, но посочи дека трпението на Трамп е при крај и дека САД ќе ги зголемат санкциите против Русија.

„Се надеваме дека Москва ќе биде подготвена за мир. Конгресот веќе почна да работи на нацрт-законот за санкции и притисокот веќе расте од Капитол. Ќе испратиме пораки до Москва и ќе се надеваме дека тие ќе бидат подготвени за мир.

Европските влади станаа фрустрирани од одбивањето на Русија да потпише примирје три недели откако Киев рече дека е подготвен да го прекине конфликтот за да преговара за мировен договор. Има стравувања дека Трамп бил премногу мек кон Путин додека се обидува да ги ресетира односите меѓу Вашингтон и Москва.

Американскиот претседател брзо ја казни Украина со суспендирање на воената помош и размената на разузнавачки информации, откако го обвини претседателот Володимир Зеленски за одложување на крајот на тригодишната војна.

Но, тој допрва треба да ги исполни своите закани дека ќе ја уништи руската економија со санкции поради отфрлањето на американско-украинскиот предлог за целосен и безусловен прекин на огнот.

Путин минатиот месец го отфрли привремениот прекин на огнот и побара укинување на западните санкции за прекин на непријателствата во Црното Море и прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.  Руските сили оттогаш ги зголемија нападите со беспилотни летала со долг дострел против украински цели.

Според проценките на разузнавачките служби на НАТО, Москва лансирала над 1.000 беспилотни летала камикази во Украина секоја недела до крајот на март.

Дејвид Лами, британскиот министер за надворешни работи, се обиде да го убеди Трамп дека Путин сè уште не е сериозен за мировните преговори.

„Нашата проценка е дека Путин продолжува да мами, продолжува да одложува. Тој сега може да прифати прекин на огнот, но продолжува да ја бомбардира Украина, нејзиното цивилно население, нејзиното снабдување со енергија“, рече Лами и продолжи:

„Го гледаме Путин, знаеме што е тој и затоа се обврзавме да продолжиме да ја ставаме Украина во најсилна можна позиција во воен, економски, хуманитарен контекст и да продолжиме да ги зајакнуваме санкциите против Русија за да бидат подготвени да дојдат на овие преговори.“

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата