Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ги демантираше наводите на бриселскиот портал Политико за наводни внатрешни дискусии во Белата куќа за можното укинување на санкциите за руските енергетски проекти, вклучително и гасоводот Северен тек 2.
„Ова е недвосмислено лажно. Ниту Стив Виткоф, ниту јас не разговаравме за укинување на санкциите кон Русија како дел од договорот со Украина“, напиша тој на својот профил Икс.
Тој оцени дека станува збор за „новинарска малверзација“.
„Ако Политико има малку интегритет, тие целосно ќе ја повлечат оваа фикција“, наведе Рубио.
Политико претходно објави дека во Белата куќа се водат внатрешни дискусии за евентуално укинување на санкциите како дел од напорите за постигнување мир во Украина. Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток Стив Виткоф, наводно, ја водел иницијативата за олеснување на санкциите, додека Рубио и секретарот за внатрешни работи Даг Бургум се спротивставиле на идејата. Портпаролите на Белата куќа ги негираат наводите за разговори за укинување на санкциите, нарекувајќи ги „неодговорно известување“.