Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Непал: Најмалку 59 загинати, 44 исчезнати

28.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Непал: Најмалку 59 загинати, 44 исчезнати

Со оглед на тоа што силниот дожд почна да паѓа веќе во петокот, властите го предупредија населението на поројни поплави поради неколку околни реки.

„Во моментов има 59 мртви, 36 повредени, а 44 лица се сметаат за исчезнати“, изјави за AFP портпаролот на непалската полиција Дан Бахадур Карки, додавајќи дека досега се регистрирани повеќе од 200 случаи на поплави и лизгање на земјиштето.

Во главниот град Катманду реките се излеаја од коритата, поплавувајќи ги куќите лоцирани во близина на брегот. „Ова е застрашувачко. Никогаш претходно не сум видел таква штета“, рече Махамад Шабудин (34), сопственик на продавница за поправка на мотоцикли во близина на надојдената река Багмати.

Некои од преживеаните се засолниле на покривите на куќите и зградите, а некои успеале да се пробијат низ поплавените улици. „Кога излегов од мојата куќа среде ноќ, водата ми беше до рамениците“, вели 49-годишниот возач Хари Мала.

„Полицијата работи со други институции и јавноста за да ги пронајде и спаси исчезнатите“, изјави Басанта Адикари, портпарол на Националната агенција за управување со ризици од катастрофи на Непал.

Повеќе од 3.000 припадници на безбедносните сили се исто така распоредени за да помогнат во спасувачките операции користејќи хеликоптери и моторни чамци. Поради одрони блокирани се неколку автопатишта, што оневозможува какво било движење на жителите. Сите домашни летови од Катманду се откажани од вчера навечер. Има повеќе од 150 поаѓања.

Во периодот од јуни до септември, монсуните секоја година оставаат пустош и човечки жртви низ Јужна Азија, но бројот на разорни поплави и свлечишта се зголеми во последните години. Експертите истакнуваат дека нивната зачестеност и интензитет биле предизвикани од климатските промени.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата