Путин е подготвен да посредува на Блискиот Исток по денешните разговори со Нетанјаху и Пезешкијан

16.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Путин е подготвен да посредува на Блискиот Исток по денешните разговори со Нетанјаху и Пезешкијан

Рускиот претседател Владимир Путин денеска имаше одделни телефонски разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, на кои темата беше ситуацијата во Иран, при што понуди да посредува во надминување на тензиите во регионот на Блискиот Исток, објави Кремљ.

Во разговорот со Нетанјаху, Путин презентира идеи за зајакнување на стабилноста на Блискиот Исток и ја изрази подготвеноста на Русија да „продолжи со напорите за посредување и да промовира конструктивен дијалог со учество на сите заинтересирани страни“, објави Кремљ додавајќи дека разговорот со Пезешкијан ќе биде објавен подоцна.

На прашањето каква поддршка може да му даде Русија на Иран, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече: „Русија веќе дава поддршка не само на Иран туку и на целиот регион, како и на целта за регионална стабилност и мир. Ова делумно е благодарение на напорите на претседателот да помогне во деескалацијата на тензиите“.

Техеран жестоко ги задуши националните протести, кои избувнаа кон крајот на минатиот месец, што го натера американскиот претседател Доналд Трамп да се закани со воена интервенција.

Израел и САД, лани, во јуни, во екот на 12-девната војна, ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки

Русија се стреми кон поблиски врски со Иран уште од почетокот на војната во Украина, а Путин минатата година потпиша дваесетгодишен договор за стратешко партнерство со Пезешкијан.

Секоја закана за опстанокот на раководството на Иран би била сериозна причина за загриженост за Москва, тринаесет месеци по загубата на клучен сојузник на Блискиот Исток со соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Претходно овој месец, САД го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, уште еден руски сојузник, под обвинение за наркотероризам.

Западните сили го обвинуваат Иран дека има таен план за развој на нуклеарно оружје, што Техеран го негира. Русија нагласува дека го поддржува правото на Иран на мирна нуклеарна енергија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата