Прва средба на кипарскиот претседател и новиот лидер на кипарските Турци

20.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прва средба на кипарскиот претседател и новиот лидер на кипарските Турци

Претседателот на Република Кипар, Никос Христодулидис, и лидерот на кипарските Турци, Туфан Ерхјурман, се сретнаа денеска по првпат по изборот на Ерхјурман за претседател на Севернокипарската турска република (СКТР), која е признаена само од Турција, на 19 октомври, јавуваат кипарските медиуми.

Средбата се одржа во резиденцијата на специјалниот претставник на ОН на островот во неутралната зона во главниот град Никозија.

Во соопштение на ОН се посочува дека двајцата дипломати се договориле повторно да се сретнат заедно со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН на островот, Марија Анхел Олгин, по нејзиното враќање на Кипар на почетокот на декември.

Во соопштението се наведува и дека Христодулидис и Ерхјурман се договориле да работат на организирање нова средба во проширен формат за кипарското прашање, која ќе ја свика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Домаќин на денешната средба во Никозија беше специјалниот пратеник на ОН на островот и командант на мировната мисија на светската организација УНФИКИП (UNFICYP), Касим Диан.

По средбата, кипарскиот претседател Христодулидис изјави дека средбата дала четири позитивни резултати, и тоа: согласност од двајцата да се сретнат со Олгин во декември, обновување на средбите на двете заедници за подготовка на нов проширен состанок организиран од генералниот секретар на ОН, претстојните посети на Олгин на Грција и Турција и претстојната посета на пратеникот на ЕУ за кипарското прашање, Јоханес Хан, исто така во декември.

- Позитивно е што влегуваме во процес што води кон главната цел, а тоа е обновување на разговорите (за кипарското прашање) од таму каде што застанаа во Кран Монтана (во 2017 година), изјави Христодулидис пред медиумите по средбата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата