Пролетна сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон

23.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пролетна сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон

Во градот Дејтон во американската сојузна држава Охајо денеска започнува четиридневната Пролетна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, на која главни теми ќе бидат зајакнувањето на мирот на Балканот, обезбедувањето праведен и траен мир во Украина и засилувањето на Алијансата. 

Во пресрет на сесијата, претседавачот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело истакна дека покрај дебатата за овие три клучни приоритети, на сесијата ќе бидат усвоени и политички препораки за Самитот на Алијансата, што ќе се одржи кон крајот на следниот месец во Хаг.  

Тие препораки, според Перестрело, ќе бидат да се извлечат поуки од Дејтонскиот мировен договор, да се зајакне и ребалансира НАТО и да се потврди непоколебливата поддршка за Украина.  

Дополнително, предвиденото е членовите на Парламентарното собрание да дискутираат и за Нацрт-извештајот за Западниот Балкан насловен „30 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор“. 

В понеделник треба да биде усвоена и Декларација за зајакнување на одвраќањето и одбраната на НАТО, со која ќе се препорача засилување на воените, технолошките и индустриските капацитети на Алијансата и обезбедување пофер распределба на товарот на одбранбените трошоци. 

- На претстојниот самит во Хаг, НАТО мора да го прераспредели трансатлантскиот товар и одговорности, да ја зголеми отпорноста на сојузничките демократии и да обезбеди подобра одбрана од нападите врз нашите општества. Самитот мора да го зајакне и ребалансира НАТО, така што тој ќе остане суштински бедем што ги чува безбедни граѓаните на Европа и Северна Америка, додаде Перестрело. 

Според најавите, на заседанието, меѓу другото, ќе стане збор и за кибер заканите, справувањето со дезинформациите, пристапот на НАТО кон Русија, соработката со партнерите од Индо-пацифичкиот регион и за безбедноста на Вселената. 

Во работата на над 240-те пратеници од земјите членки и партнери на НАТО, вклучително и од Европскиот парламент, в недела и понеделник ќе им се приклучи и генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, кој ќе има обраќање на сесијата, а заедно со Перестрело ќе учествува и на панел-дискусија во рамки на заседанието.  

Како што соопшти Прес-службата на НАТО, предвидено е Руте на маргините на заседанието да се сретне со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, со министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ и со членови на делегацијата на американскиот Конгрес во Парламентарното собрание. 

Во пресрет на почетокот на Парламентарното собрание на НАТО, синоќа во Дејтон се одржа и свеченост по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој во 1995 година беше ставен крај на војната во БиХ. 

Шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на НАТО, конгресменот Мајк Тарнер истакна дека Дејтонскиот мировен договор останува суштинска основа за стабилноста на Босна и Херцеговина и на Западниот Балкан. 

- Дејтонскиот мировен договор се роди како гарант на мирот што се одржува 30 години во се уште кревка структура, изјави Тарнер.  

Дејтонскиот градоначалник Џефри Мимс, пак, истакна дека духот на мировните договори потпишани во Дејтон треба да бидат инспирација за Парламентарното собрание на НАТО. 

- Сите се тука со единствена цел - да се осигураме дека комуницираме и разговараме за проблемите во светот и како можеме да го одржиме и воспоставиме мирот, изјави Мимс. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата