Примирјето неизвесно, Трамп од Путин побарал да ги поштеди украинските војници во Курск

14.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Примирјето неизвесно, Трамп од Путин побарал да ги поштеди украинските војници во Курск

Еден месец по првиот, американскиот претседател Доналд Трамп откри дека имал и втор телефонски разговор со рускиот колега Владимир Путин. Разговорот според него,бил добар и продуктивен и оцени дека има шанси да се стави крај на војната. Сепак, како што наведе тој на социјалните мрежи, од Путин категорично побарал да бидат поштедени илјадници украински војници, со цел да се спречи ужасен масакр. Иако не наведе каде се тие опколени сепак проценките се дека станува збор за регионот на Курск каде руската војска започна силна офанзива.

„Во овој момент, илјадници украински војници се целосно опколени од руската војска и се во многу тешка позиција. Категорично побарав од претседателот Путин нивните животи да бидат поштедени. Ова би било ужасен масарк, каков што не е виден од Втората светска војна.“  – пишува меѓудругото Трамп.

Рускиот претседател Путин пак, на вчерашната прес – конференција ги предупреди украинските војници да се предадат или да загинат. Дополнително, Путин посочи и дека го поддржува 30 дневното примирје кое во Саудиска Арабија го договорија претставниците на Вашингтон и Киев, но дека има и предуслови, особено во делот за мировниците кои би требало да го следат примирјето.

„Ситуацијата (во Курск) е целосно под наша контрола. Групата која изврши инвазија врз нашата земја е во изолација. Тоа е целосна изолација и целосно под огнена контрола / Ако физичката блокада се случи во наредните неколку дена, ќе имаат само две опции – да се предадат или да загинат.“

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков пак, соопшти и дека рускиот претседател доцна синоќа се сретнал со посебниот американски пратеник Стив Виткоф на кого му пренел и порака до Трамп. Песков откри и дека кај руските власти постои претпазлив оптимизам, а според него, има разбирање од двете страни дека потребни се директни разговори меѓу двајцата претседатели. Посетата на Виткоф на Москва доаѓа по средбите на американските и украинските претставници во Саудиска Арабија. Советникот на Трамп за национална безбедност Мајк Валц пак, кој беше дел од разговорите во Џеда, за прв пат откри дека на маса со Украинците биле и територијални отстапки.

„Тие (Украинската делегација) беа многу отворени, имавме многу добри разговори. Во еден момент дури отворивме и мапа и почнавме да цртаме на неа за како да ја завршиме војната.“

Украинскиот претседател Зеленски пак, соопшти дека нема намера никогаш да ги признае окупираните делови од Русија. Според него, иако САД и Украина се согласиле на 30-дневно примирје, официјална Москва намерно ја одолговлекува одлуката бидејќи не сака да му соопшти на Трамп дека сака да ја продолжи војната. Токму затоа како што кажа, Путин ја разгледува идејата за прекин на огнот со предуслови кои нема да бидат прифатливи за никого.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата