Поворката со ковчегот на папата Франциск ќе помине 6 километри до местото на погребот

23.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поворката со ковчегот на папата Франциск ќе помине 6 километри до местото на погребот

Погребната поворка со ковчегот во кој се наоѓа телото на папата Франциск ќе патува шест километри во сабота до местото на погреб во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, а поворката ќе биде „внимателно надгледувана“, изјавија денеска извори за агенцијата АНСА.

Изворите велат дека се проучуваат повеќе правци за погребната поворка.

Тие истакнаа дека најкраткиот пат до базиликата Санта Марија Маџоре вклучува поминување низ Корзо Виторио Емануеле, Пјаца Венеција и Виа Назионале.

Луѓето денеска, утре и во петок му оддаваат почит на папата Франциско во базиликата Свети Петар во Рим.

Ковчегот во кој се наоѓа телото на папата Франциск денеска беше пренесен во базиликата Свети Петар, каде верниците ќе можат да му оддадат последна почит пред погребот, кој ќе се одржи во сабота.

Десетици илјади луѓе од Италија и од целиот свет се очекува да дојдат во Ватикан за да се простат од папата.

Свечената поворка која го носи ковчегот на покојниот папа утрово тргна од резиденцијата Каза Санта Марта, во чија капела се одржа кратка верска церемонија.

После тоа, ковчегот беше пренесен во базиликата во придружба на швајцарската гарда.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, беше првиот папа од Латинска Америка.

Тој почина на 21 април на 89-годишна возраст, а директорот на Одделот за здравје и хигиена на Ватикан, Андреа Аркангели, објави дека папата починал од мозочен удар и срцева слабост.

Папата ќе биде погребан во сабота на 26 април.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата