Почна трговската војна ЕУ и САД–Брисел најави контра-мерки за Вашингтон

12.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почна трговската војна ЕУ и САД–Брисел најави контра-мерки за Вашингтон

Иако важат за најголеми трговски партнери, Унијата реагираше со контра - мерки на царините од 25 проценти кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на челик и алуминиум, а кои стапија на сила денеска. Царините според најавите би стапиле на сила од 1 април, а на листата долга 99 страници која ја објави ЕУ, преволадуваат прехранбени производи, алкохол, облека и апарати за домаќинство кои се произведуваат во САД. Мерките како што нагласи шефицата на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен ќе бидат во иста вредност со американските, и додаде дека тие се потребни за заштита на потрошувачите и бизнисите во Унијата.

-Европската Унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисот. Контра-мерките што денеска ги преземаме се силни, но сразмерни. Како што САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контра-мерки од 26 милијарди евра. Ова соодветствува на економскиот опсег на царините од САД.-Урсула фон дер Лајен – Претседателка на ЕК.

Очекувањата на американскиот претседател Доналд Трамп се дека со царините ќе се зголеми домашното производство на челик и алуминиум и ќе и се помогне на америкската економија. Според него, на овој начин би се отвориле нови компании за производство во САД со што би се зголемил и бројот на работни места.

-Царините имаат неверојатно позитивен ефект. Ќе имаат и веќе имаат. Царините се, ако тие не сакаат да платат 25 проценти за што и да е, тогаш може да се покачат. Видете, колку повеќе се покачат, толку повеќе изгледно е дека ќе градат. И на крајот, најголемата победа не се царините. Тоа е голема победа, тоа се многу пари. Но, најголема победа е доколку тие дојдат во нашата земја и создадат работни места. Тоа е поголема победа од царините.-Доналд Трамп – Претседател на САД.

Американскиот претседател до сега имаше воведено царини кон Кина, Мексико и Канада, како одговор за нелегалната миграција и трговијата со фентанил за што и тие возвратија со контра-мерки. За царините кои од денеска стапија на сила, одговор најавија и долгогодишните американски сојузници, Австралија и Јужна Кореја.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата