По самитот за Украина во Лондон, Макрон ги објави деталите на британско францускиот план

3.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
По самитот за Украина во Лондон, Макрон ги објави деталите на британско францускиот план

Русија и Украина да го положат оружјето во период од еден месец, кога треба да запрат воздушните, поморските и нападите врз енергетската инфраструктура, предвидува британско – францускиот план, чии детали денеска ги откри францускиот претседател Макрон. Во интервју за весникот „Фигаро“, Макрон појаснува дека во првата фаза копнените борби ќе останат активни се додека не се процени можноста за целосен прекин на огнот, што би резултирал со распоредување на европските мировни сили во Украина. За Париз ова е своевинден лакмусов тест за Путин.

-Предлогот е тест кој треба да ја потврди добрата волја на Владимир Путин да се вклучи во примирјето, а потоа да почнат вистинските преговори. , изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Предлогот синоќа беше презентиран пред 18 европски лидери во Лондон, а според британскиот премиер Стармер опфаќа четири точки, меѓу кои и целосна заштита на суверенитетот на Украина, како и формирање таканаречена „коалиција на подготвени земји“ кои ќе го спроведуваат финалниот договор и ќе го гарантираат мирот во иднина.

-Ние сме на историски крстопат. Не е време за повеќе разговори, време е за дејствување. Време е да истапиме напред и да се обидиниме околу новиот план за праведен и траен мир. , изјави Кир Стармер, премер на В.Британија.

За Кремљ самитот во Лондон, каде беше ветена нова финансиска и воена помош за Киев, само покажал дека целта не е да се обезбеди мир, туку да го продлабочи конфликтот. Колективниот запад почна да ја губи колективноста, вели Песков.

-Режимот во Киев и Зеленски не сакаат мир, тие сакаат војната да продолжи. Затоа, во оваа ситуација, се разбира, напорите на Вашингтон и подготвеноста на Москва да го реши проблемот очигледно нема да бидат доволни. , вели Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Вашингтон засега не ги коментира европските предлози, но велат дека клучниот чекор е да се седне Путин на преговарачка маса, а Зеленски, по драматичниот судир со Трамп во Овалната соба да прати сигнал дека е подготвен за мир.

-Ќе бидеме подготвени повторно да се ангажираме кога тие ќе бидат подготвени да склучат мир, што е јасно што е целта на претседателот овде. Како да заврши војната? Многу е едноставно. Единствениот начин да заврши е ако Владимир Путин дојде на преговарачка маса. И токму сега, претседателот Трамп е единствениот човек на Земјата кој има какви било шанси да го доведе на маса. , изјави Марко Рубио, државен секретар на САД

-Ние сметаме на помошта на САД, без сомнежи. Какво било запирање на помошта му помага на Путин. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски повтори дека не е подготвен да се согласи на територијални отстапки, а изрази подготвеност да поднесе оставка во замена на членство на Украина во НАТО.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата