Наводниот сторител на нападот со нож врз шпански турист кај Меморијалот на холокаустот во Берлин ја дели идеологијата на групата Исламска држава, соопшти денеска германското федерално обвинителство.
Нападот се случи минатиот петок.
Осомничениот, идентификуван како Васим М., 19-годишен сириски бегалец, „дејствувал врз основа на радикални исламистички и антисемитски убедувања“, соопштија обвинителите. Тој дејствуваше со убедување „против германското либерално општество“, додадоа обвинителите.
Германското федерално обвинителство го презеде случајот од обвинителството во Берлин, бидејќи тоа е законски одговорно за справување со случаите на тероризам. Отворена е претходна истрага за убиство во обид и тешка телесна повреда.
Минатиот петок, осомничениот нападнал 30-годишен шпански турист од зад грб и тешко го повредил во пределот на вратот. Животот на жртвата бил спасен по итна операција.
Според властите, осомничениот побегнал, но три часа подоцна се вратил на местото на нападот. Полицијата ги забележала неговите раце и панталони обоени со крв, што довело до негово апсење. Инспекторите велат дека осомничениот веќе неколку недели „планирал да убива Евреи“ и „во тој контекст е избрано местото на злосторството“. Во неговиот ранец, биле пронајдени тепих за молитва, Куран и лист хартија со стихови од Куранот, кои „сугерираат религиозна мотивација“ за неговиот чин.
Нападот се случи два дена пред парламентарните избори во Германија, во ситуација која и онака е тензична поради серијата убиства извршени од странци. /МИА