Од слобода се огласи убиецот на познат моден дизајнер, чие богатство го наследи кучето

18.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Од слобода се огласи убиецот на познат моден дизајнер, чие богатство го наследи кучето

Пред 20 години, модниот дизајнер Рудолф Мошамер (64) бил задавен во својата вила во Грунвалд. Неговиот убиец Харис А., кој сега живее во Ирак по отслужувањето на затворската казна, сега првпат проговори за злосторството.

Црниот Ролс Ројс со шофер, кучето Дејзи и впечатливата фризура беа заштитен знак на модниот цар Мошамер. Познати личности доаѓаа и заминуваа во неговиот бутик „Carneval de Venise“ во Минхен.

Но, имало и друга страна. Редовно возел до железничката станица во Минхен и таму барал мажи за да им плати за секс. Така било и ноќта на 14 јануари 2005 година. Харис А. влегол во неговиот автомобил. Во вилата настанала расправија и младиот човек со кабел го задавил дизајнерот од зад грб.

Насилникот е осуден на доживотен затвор. По 18 години Харис А. е ослободен и депортиран во Ирак во 2023. Сега работи таму како сликар и се грижи за својата мајка, пишува Билд.

Неговиот адвокат, д-р Адам Ахмед, и денес е во контакт со него.

„Ми кажа дека секој ден размислува за ова злосторство. Од една страна, дека направил такво нешто, дека е способен за тоа. Од друга страна, очигледно ги поминал убедливо највредните години од својот живот во заробеништво“, изјави адвокатот за RTL.

Тој додаде дека Харис мисли дека е правилно што бил во затвор и дека искрено се кае за тоа што го направил.

Мавзолејот Мошамер на гробиштата Остфридхоф во Минхен и по 20 години изгледа добро. За него се грижи здружение за бездомници, а се вели дека творецот бил дарежлив кон нив. Поранешниот возач, кој работел за модниот дизајнер до 1994 година сè уште положува цвеќе секоја година на годишнината од неговата смрт.

Во својот тестамент, Мошамер навел дека на Дејзи треба да ѝ се дозволи да живее во замокот. Но, Јоркширскиот териер, за кој се грижел поранешниот возач Андреас Каплан, починал во октомври 2006 година на 13-годишна возраст. Каплан се преселил во Источна Фризија. Таму ненадејно колабирал и починал во супермаркет во 2016 година. Имал 56 години.

Вилата во Гринвалд е повторно населена. Според извештајот на „tz“, сега на домофонот има неколку имиња. Но, никој од членовите на семејството не сака да зборува за познатиот претходен сопственик.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата