Концертот беше откажан во последен момент, а австриската полиција уапси неколку осомничени инспирирани од идеологиите на Исламска држава и Ал Каеда.
Обвинетиот млад човек, кого германските федерални обвинители го именуваа како Мохамед А., не е во притвор, но формално е обвинет за поддршка на странска терористичка организација. Истражителите велат дека тој ја прифатил идеологијата на терористичката група Исламска држава (ИД) од април 2024 година и бил во контакт со Беран А., австриски државјанин кој го планирал нападот на концертот на Тејлор Свифт на стадионот Ернст Хапел во Виена, во јули и август.
ЦИА го спречи нападот, планирале масовно убиство
Концертите на американската пејачка, кои требаше да се одржат од 8 до 10 август минатата година, беа распродадени, а 65 илјади луѓе купија билети. Само еден ден пред почетокот, организаторите ги одложија сите настапи, а Свифт потоа јавно им се извини на фановите и рече дека чувствува „огромна вина“ поради откажувањето.
Според австриските власти, главниот осомничен Беран А., тогашен 20-годишник од градот Терниц јужно од Виена, припаѓал на ќелија на Исламска држава во источна Австрија. Тој бил уапсен по дојава од американската ЦИА, која предупредила дека напаѓачите планираат да убијат голем број посетители.
Наводно, истиот осомничен претходно планирал напад во Дубаи во март 2024 година, како дел од поширок план што вклучувал три истовремени напади на ИД, но се откажал во последен момент.
Превел упатства за изработка на бомба и испратил заклетва до ИД
Германското обвинителство тврди дека Мохамед А. му помогнал на Беран А. со преведување на упатствата за изработка на експлозивна направа од арапски јазик и поврзување со други членови на ИД преку интернет. Исто така, според обвинението, тој го составил текстот на заклетвата за верност што Беран А. требало да ја изрече за формално да се приклучи на Исламска држава.
Нападот беше спречен, но безбедносните служби сè уште истражуваат поширока мрежа на потенцијални соработници кои би можеле да учествуваат во планирањето на терористичкиот напад врз концертот на светската поп-ѕвезда.