Брисел сака да ги ревидира правилата за полагање возачки испити и издавање возачки дозволи во ЕУ.
Забрана за ноќно возење за млади возачи, лекарски прегледи со освежувачки курсеви за постари возачи, специјална дозвола за возачи на теренци, заеднички европски систем на казнени поени… Ова се само дел од највидливите промени со кои Брисел сака да ги ревидира правилата за полагање на возачки испит и издавање возачки дозволи.
Предложените измени се уште не се потврдени, но во иднина би можеле да влијаат на милиони сегашни и идни возачи, пишува Н1 Словенија. Новата директива во моментов ја разгледува собраниската Комисија за транспорт и туризам. Предложените ревидирани правила сè уште не се одобрени, но властите во Брисел ја нагласуваат потребата да се подобри безбедноста во сообраќајот и сакаат промените да стапат на сила следната година.
Меѓу измените што ги предложи одборот во најновиот нацрт е и ново ограничување на брзината што би се однесувало само за возачите почетници. Досега можеа да возат максимум 90 километри на час, што значи дека тешко би можеле да претекнуваат на автопатиштата.
Предложено е и младите возачи по двегодишниот пробен период повторно главното возење да го одработат со инструктор. Меѓу можните измени е и забраната за ноќно возење за младите возачи. Земјите-членки на ЕУ би можеле да им забранат да возат меѓу полноќ и 6 часот наутро.
Новите правила, исто така, би ги смениле и роковите за обновување на возачките дозволи за постарите лица. Возачите над 60 години треба да ја обновуваат дозволата на секои седум години, над 70 на секои пет години, а секој над 80 години треба да ја обновува дозволата на секои две години. Пред да ја обноват возачката дозвола, постарите возачи треба да поминат лекарски преглед и освежување на знаењето.
Промените ќе влијаат и на возачите на поголеми автомобили – вклучувајќи ги и популарните теренци. Одборот предложи воведување на нова категорија Б+ за автомобили со тежина поголема од 1,8 тони. Возачите за тоа би морале да извадат нова возачка дозвола, а тестот би можел да го полагаат само лица постари од 21 година.
Во нацрт-предлогот членовите на комисијата напишале дека се поверојатни судири со потешки автомобили и теренци, а последиците се посериозни. Претседателката на Комисијата, Карима Дели од Зелените, исто така, укажа на поголема потрошувачка на гориво и емисија на CO2.
Друга голема промена би била воведувањето на систем на казнени поени што би важел во цела ЕУ. Возачите на тој начин би ги собирале за сообраќајни прекршоци низ ЕУ, а кога ќе соберат одреден број, би им се одзела дозволата.
Неколку земји имаат таков систем, но сè уште не постои заеднички систем на ниво на ЕУ.