Нов пресврт: Шведска воведува намалување на штетата од пушење во здравствената политика

28.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нов пресврт: Шведска воведува намалување на штетата од пушење во здравствената политика

Шведскиот парламент официјално усвои намалување на штетите од пушењето како дел од својата политика за јавно здравје, откако Шведска во пракса докажа дека оваа стратегија е најефикасниот пат кон иднина без чад, објави „Бизнис Вајр“.

Шведска е првата земја што постигна статус на земја без чад, бидејќи, според истражувањата, само 4,5 проценти од возрасните Швеѓани сè уште пушат. Според дефиницијата на Светската здравствена организација, една земја може да се смета за земја без чад ако стапката на пушење кај населението е 5 проценти.

Овој резултат не беше постигнат преку забрани и ограничувања, туку преку долгорочен пристап што им овозможува на пушачите да се префрлат на помалку штетни алтернативи.

„Швеѓаните учествуваа во долгорочен експеримент за намалување на штетите од пушењето, обезбедувајќи неоспорни докази дека замената на цигарите со производи што содржат никотин без чад значително ги намалува болестите поврзани со пушењето, инвалидитетот и предвремената смрт, носејќи огромни здравствени и економски придобивки“, рече д-р Делон Хјуман, лидер на иницијативата „Шведска без чад“.

-Со оглед на тоа што намалувањето на штетата сега е официјална политика во Шведска, секоја одлука за јавно здравје ќе го одразува овој пристап. Другите земји треба да го усвојат шведскиот модел без понатамошно одложување, рече Хјуман.

Ова значи дека Шведска сега ќе даде приоритет на помагањето на пушачите да се префрлат на помалку штетни алтернативи како што се оралните никотински производи и други алтернативи без чад, наместо да се фокусира исклучиво на намалување на целокупната употреба на тутун, објавува „Бизнис Вајр“.

Законот усвоен од парламентот во декември 2024 година наведува дека „јавните политики за тутунот мора да ги земат предвид различните штетни ефекти на различните производи. Цигарите претставуваат поголем ризик по здравјето од производите што содржат никотин без чад... Ова мора да се одрази во оданочувањето и политичките цели“.

Поточно, државата воведе систем на оданочување базиран на релативниот ризик на производите, со што се намалија акцизите на оралните никотински производи и другите алтернативи без чад, а истовремено се зголемија даноците на цигарите. На овој начин, беа создадени финансиски стимулации за преминување кон производи со значително помали здравствени ризици.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата