Нов ирански напад врз Израел

20.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нов ирански напад врз Израел

Додека Европа се обидува да го врати Иран на преговарачка маса, а САД размислуваат дали да се вклучат во судирот, Иран порача дека нема да разговара за нуклеарната програма сè додека траат израелските напади.

Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп во следните две недели ќе одлучи дали САД ќе се вклучат во конфликтот, истакнувајќи оти сè уште постои можност за преговори со Иран.

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи изјави дека нема простор за преговори со САД „додека не престане израелската агресија“.

Во Германскиот конзулат во Женева за денеска е закажан состанок на министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Велика Британија и на Иран, со цел да се добијат гаранции од Техеран дека нуклеарната програма ќе се користи исклучиво за цивилни цели.

Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро и Дејвид Лами пред со Арагчи, ќе се сретнат со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Според неименувани извори средбата е организирана во договор со САД, но дипломатите не се надеваат на напредок. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата