Претходно беше објавено дека синоќа и утринава во израелските напади се убиени 22 лица.
-Израелското бомбардирање на Газа продолжи од полноќ и траеше во првите часови пред пладне, а во него загинаа 52 лица, изјави портпаролот на Цивилната одбрана Махмуд Басал.
Тој рече дека бомбардирањето продолжило во текот на попладнето и дека израелските сили ја прошириле копнената операција.
Повеќето од израелските напади беа околу градот Кан Јунис, на југот од опколената палестинска територија, а особено околу болницата Насер, чија зграда беше тешко оштетена.
Неколку лица беа убиени во северниот дел од Појасот Газа, од кои двајца беа убиени во напад со беспилотни летала врз шатор на раселени лица, а израелските сили убија неколку лица во дворот на индонезиската болница во северна Газа.
Индонезиската болница во Беит Лахија, на север од енклавата, веќе неколку дена е опколена од израелската армија, која тврди дека, како и другите цивилни згради, Хамас ја користи за воени цели, што движењето го негира./МИА