НАТО ги осуди хакерските напади врз чешкото МНР: Сите држави да се воздржат од злонамерни кибер

28.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
НАТО ги осуди хакерските напади врз чешкото МНР: Сите држави да се воздржат од злонамерни кибер

Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности насочени кон поткопување на нашата национална безбедност, демократските институции и критичната инфраструктура, се наведува во реакцијата на Северноатлантскиот совет во врска со последните кибер напади врз чешкото Министерство за надворешни работи. 

- Злонамерната кибер активност насочена кон Чешката Република покажува дека кибер просторот е постојано ризичен. Со зголемена загриженост го следиме растечкиот модел на злонамерни кибер активности што доаѓаат од Народна Република Кина, се потенцира во соопштението на ова тело на НАТО. 

Во реакцијата се додава дека Чешка како одговорна за нападот ја посочила хакерската група АПТ31, која е поврзана со Министерството за државна безбедност на Кина.  

Цел на хокеарскиот напад била некласифицирана мрежа на чешкото Министерство, при што се предизвикани штети и нарушување во нејзината работа. 

- Актерите на кибер заканите постојано се стремат да ја дестабилизираат Алијансата. Остануваме посветени на разоткривање и спротивставување на значителната, континуирана и растечка кибер закана, вклучително и по нашите демократски системи и критична инфраструктура. Решени сме дополнително да ги подобриме нашите способности и отпорност и да ги искористиме потребните способности со цел да одвратиме, да се браниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани за да се поддржуваме едни со други, се додава во соопштението. 

Северноатлантскиот совет воедно нагласува дека НАТО промовира слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор и ги повикува сите држави, вклучително и Кина, да се воздржат од злонамерни кибер активности, да го почитуваат меѓународното право и преземените меѓународни обврски и да се однесуваат одговорно во кибер просторот, како што е потврдено од сите членки на Обединетите нации.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата