НАТО бара од Холандија да издвои дополнителни 16 до 19 милијарди евра за одбраната, што би претставувало вкупно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) на земјата, изјави холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс во обраќањето пред Парламентот.
Алијансата смета дека е потребно значително зголемување на воените трошоци за зачувување на колективната безбедност, објави Ен-Ел Тајмс.
Воените експерти на НАТО пресметале што и е потребно на секоја земја-членка за да придонесе за одбраната на Алијансата, особено поради ситуацијата со Русија.
Според тие проценки, земјите-членки треба да ги интензивираат инвестициите во противвоздушната одбрана, артилерија и помошна опрема како што се големи транспортни авиони.
Холандија моментално инвестира околу 22 милијарди евра годишно во својот одбранбен сектор, но НАТО проценува дека оваа бројка треба да се зголеми на 40 милијарди евра во наредните години.
Покрај финансиските инвестиции, се проценува дека се потребни дополнителни 17.000 до 18.000 припадници на вооружените сили за да се исполнат новите барања. Меѓутоа, поради напнатоста на пазарот на трудот, привлекувањето толку голем број персонал е сериозен предизвик, истакнуваат експертите.
Доколку Холандија ја достигне целта од 3,5 проценти од БДП, ќе биде потребно да преземе дополнителни обврски, вклучувајќи ја заштитата на Карипските територии (Антили) и логистичката поддршка за сојузниците, на пример преку користење на пристаништето во Влисинген.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред претстојниот самит во Хаг, се залага за зголемување на износот на трошоци за одбрана од сегашните два проценти на 3,5 проценти од БДП. Кога ќе се додадат другите трошоци поврзани со одбраната, како што е инфраструктурата, вкупниот износ би изнесувал пет проценти од БДП, барање што го постави американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изјави дека без тоа ниво на инвестиции, САД можеби нема да можат да гарантираат заштита на останатите членки.