Најмалку 45 загинати во обновените израелски напади во Газа

21.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Најмалку 45 загинати во обновените израелски напади во Газа

Воздушни напади и жртви имало во Џабалија и Деир ал-Балах, како и во близина на Кан Јунис на југот од територијата, објави палестинска новинска агенција, повикувајќи се на медицински извори во Газа.

Израелската армија не даде никакви детали и на својот профил на Икс објави дека „нападнала над 115 терористички цели низ Газа од земја, море и воздух“ во текот на изминатиот ден.

Десетици смртни случаи се пријавуваат секојдневно од крајбрежната област откако Израел почна голема нова офанзива кон крајот на минатата недела. Копнени трупи се распоредени во областа.

Израел поради дејствијата во регионот се соочува со зголемени меѓународни критики, вклучително и од блиски сојузници. Велика Британија вчера ги прекина разговорите со Израел за трговијата, санкционираше некои доселеници од Западниот Брег и го повика амбасадорот на Израел во Велика Британија.

Исто така, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Каја Калас изјави дека Европската Унија има намера да го преиспита својот договор за соработка со Израел, со оглед на ситуацијата во Газа.

Актуелниот конфликт почна на 7 октомври 2023 година, откако палестинското движење Хамас изврши напад врз Израел во една од најсериозните ескалации во израелско-палестинскиот конфликт во последните неколку години, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници. Израел одговори со масовен напад, во кој оттогаш загинаа повеќе од 53.000 луѓе во Газа, според здравствениот орган контролиран од Хамас. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата