Над 500 пациенти со мајмунски сипаници избегале од клиниките во Конго поради судирите

1.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Над 500 пациенти со мајмунски сипаници избегале од клиниките во Конго поради судирите

Здравствените власти од Африканските центри за контрола на болести (Африка ЦДЦ) изразија загриженост дека исчезнатите пациенти би можеле да ја рашират заразната болест, која минатата година уби речиси 900 луѓе во Конго, јавува Би-Би-Си.

Пациентите побегнале од здравствените центри во Гома и Букаву, градови кои паднаа под контрола на бунтовничката група М23 поддржана од Руанда.

„Бевме ограбени. Ја загубивме опремата. Тоа беше катастрофа“, изјави докторот Самуел Мухиндо за Би-Би-Си.

Според податоците на ЦДЦ за Африка, од почетокот на годината во Конго се пријавени речиси 2.890 случаи на инфекција и 180 смртни случаи.

Мухиндо опиша како 128 пациенти побегнале од здравствениот центар Мугунга во Гома откако започнале борбите кон крајот на јануари.

Неговите здравствени работници не можеле да ги најдат бидејќи сите медицински досиеја биле уништени.

Во болницата Бисенгимана во Гома, ограбувачите однеле лекови и заштитна опрема.

Ситуацијата дополнително се искомплицирала со одлуката на бунтовниците М23 да ги затворат камповите во Гома каде десетици илјади луѓе најдоа засолниште од борбите.

Според ЦДЦ на Африка, бројот на исчезнати пациенти со мајмунски сипаници се зголемил за 100 во последната недела, бидејќи борбите ескалираат и бунтовниците заземаат нова територија.

Здравствената установа во Мугунга, финансирана од УНИЦЕФ и UK Aid Direct, повторно беше отворена минатата недела.

Но, клиниката е веќе преоптоварена и на моменти четворица или пет пациенти мора да делат по еден кревет.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата