Над 200.000 со акутни респираторни заболувања поради енормно загадениот воздух во Њу Делхи

4.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Над 200.000 со акутни респираторни заболувања поради енормно загадениот воздух во Њу Делхи

Индиската влада потврди дека повеќе од 30.000 луѓе со респираторни заболувања морале да бидат хоспитализирани во текот на изминатите три години, објави Би-Би-Си.

Токсичниот воздух е постојан проблем во Њу Делхи, и во урбаните средини и во предградијата, особено во текот на зимата.

Со недели, индексот на квалитет на воздухот (AQI) во Њу Делхи, кој мери различни видови загадувачи, вклучувајќи PM2.5, ситни честички што можат да ги затнат белите дробови, е повеќе од 20 пати поголем од границата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО).

Не постои единствена причина за овој проблем, но се припишува на комбинација од фактори како што се индустриски емисии, издувни гасови од возила, опаѓање на температурите, ниска брзина на ветерот и сезонско горење стрништа во соседните држави.

Шесте најголеми болници во Њу Делхи регистрирале 67.054 случаи на акутни респираторни заболувања во 2022 година, 69.293 во 2023 година и 68.411 во 2024 година.

„Анализата сугерира дека зголемувањето на нивоата на загадување е поврзано со зголемување на бројот на пациенти кои посетуваат оддели за итни случаи. Сепак, оваа студија не може да обезбеди потврда дека оваа поврзаност е причинско-последична“, изјави владата на парламентарно сослушување.

Просечниот AQI во Њу Делхи го надминал „сериозното“ ниво од 400 многу пати во текот на изминатата деценија, особено во зима. Нивоа што можат да им наштетат дури и на здрави луѓе и претставуваат сериозен ризик за оние со постоечки болести.

Во среда наутро, просечниот индекс на квалитет на воздухот во Њу Делхи беше околу 380, според владината апликација Safar. Високиот суд во Делхи треба да ја разгледа петицијата со која се бараат итни мерки за ограничување на опасното загадување на воздухот. Во последниве години, Врховниот суд на Индија, исто така, изрази загриженост за квалитетот на воздухот во Њу Делхи и околните области.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата