Мнозинство граѓани во четирите најголеми членки на ЕУ го поддржуваат враќањето на Велика Британија во Унијата

13.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мнозинство граѓани во четирите најголеми членки на ЕУ го поддржуваат враќањето на Велика Британија во Унијата

Десет години откако британските пратеници на референдум го изгласаа  излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, ново истражување на јавното мнение покажува дека мнозинството граѓани на четирите најголеми членки на ЕУ го поддржуваат нејзиното враќање, но не под истите поволни услови како порано.

Според британски Гардијан, анкетата „EuroTrack“, спроведена од институтот ЈуГов во шест западноевропски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, покажува дека најмалку половина од испитаниците во Франција, Германија, Италија и Шпанија сметаат дека на Обединетото Кралство треба да му се дозволи повторно да влезе во Унијата.

Поддршката за враќањето на Велика Британија во Унијата е најниска во Италија (51 процент), а највисока во Германија (63 проценти).

Меѓутоа, кога се поставува прашањето дали Велика Британија треба да се врати под истите услови, вклучително и задржување на британската фунта, ослободување од еврото и останување надвор од Шенген зоната, поддршката значително опаѓа.

Во просек, само една петтина од испитаниците во овие четири земји веруваат дека Велика Британија треба да се врати како никогаш да не излегла.

Мнозинството (помеѓу 58 и 62 проценти) верува дека земјата треба да учествува во сите клучни политики на ЕУ.

Во посебен дел од анкетата, како што пренесува „Гардијан“, се поставува прашањето дали на Велика Британија треба да ѝ се дозволи враќање доколку инсистира на старите ослободувања, а поддршката за ова сценарио се движи помеѓу 33 и 36 проценти, додека помеѓу 41 и 52 проценти од испитаниците се изјасниле против тоа.

Во самата Велика Британија, 54 проценти од граѓаните го поддржуваат повторното членство во ЕУ доколку прашањето се постави генерално.

Меѓутоа, ако враќањето би значело откажување од претходните ослободувања, поддршката паѓа на 36 проценти, додека 45 проценти од граѓаните се против такво сценарио.

Поддршката за враќање без претходните ослободувања нагло опаѓа кај гласачите кои претходно гласаа за останување во ЕУ. Иако 60 проценти од гласачите кои гласаа за останување сè уште го поддржуваат враќањето под нови услови, ова е пад од 25 процентни поени во споредба со прашањето без услови.

Меѓу гласачите на Лабуристичката партија, поддршката паѓа од 81 на 58 проценти, а меѓу либералните демократи од 80 на 49 проценти.

Интересно е што Данска беше значаен исклучок во анкетата - 72 проценти од испитаниците го поддржуваат враќањето на Велика Британија во ЕУ, а дури 43 проценти го одобруваат враќањето со старите ослободувања, истакнува „Гардијан“.

Данска, патем, е една од ретките членки на ЕУ што самата има официјални ослободувања во одредени заеднички политики.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството граѓани во сите пет континентални земји би поддржале независна Шкотска што ќе се приклучи на Европската Унија, со поддршка помеѓу 63 и 75 проценти.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата