Турција презеде чекор за отстранување на тероризмот од дневниот ред на земјата и на регионот преку својата иницијатива „Турција без тероризам“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, објави агенцијата Анадолија, повикувајќи се на соопштение од Дирекцијата за комуникации на турското претседателство.
За време на телефонскиот разговор Ердоган изјави дека овие напори ќе продолжат решително.
Претседателот Ал Нахјан рече дека иницијативата на Анкара за „Турција без тероризам“ значително ќе придонесе за регионалната безбедност и изрази желби за успешно завршување на процесот.
Ердоган, исто така, нагласи дека стратешкото партнерство меѓу Турција и ОАЕ дава позитивни резултати во сите области, истакнувајќи го големиот потенцијал меѓу двете земји, особено во одбранбената индустрија и новите технологии.
Турскиот претседател додаде дека Анкара внимателно ги следи мировните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија, започнати во Абу Даби, и ќе продолжи да ги поддржува напорите за воспоставување траен мир на Кавказ.