Мерц во телефонски разговор со Нетанјаху повикал на прекин на непријателствата во Либан

14.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мерц во телефонски разговор со Нетанјаху повикал на прекин на непријателствата во Либан

Портпаролот на германската Влада, Штефан Корнелиус, соопшти дека Мерц во телефонскиот разговор ја истакнал потребата од деескалација и го охрабрил Нетанјаху да започне директен дијалог со либанските власти. Притоа Мерц ја нагласил и потребата од разоружување на милитантната група Хезболах.

Во меѓувреме, германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, разговарал со неговиот либански колега, Јусеф Раџи.

Од германското Министерство за надворешни работи со оценка дека директните разговори меѓу Израел и Либан може да бидат важен прв чекор кон иднина во која ќе бидат почитувани безбедносните интереси на Израел и суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан.

Во соопштението на МНР во Берлин се наведува дека нападите на Хезболах врз Израел мора да запрат, а истовремено се повикува и израелската армија да се воздржи од напади врз цивили и цивилната инфраструктура.

За вечерва во Вашингтон се закажани непосредни разговори меѓу претставници на Израел и на Либан, што се први официјални контакти од таков вид по неколку децении.

Израел и Хезболах, кој има силно влијание врз политичкиот и општествениот живот во Либан, по вторпат во последните две години се во отворен оружен конфликт, при што израелската армија има распоредено копнени сили во јужниот дел на соседната земја.

Израел се залага за траен мировен договор со Либан и целосно разоружување на Хезболах, додека либанската Влада настојува да обезбеди прекин на огнот во конфликтот што започна на 2 март, како и повлекување на израелските трупи од јужен Либан. Хезболах, кој не учествува во разговорите, засега ги отфрла израелските барања.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата