-„Алтернатива за Германија“ го удвои својот резултат во проценти, а во апсолутни бројки стана уште посилен, од 4,8 милиони гласови на 10,3 милиони гласови, нагласи Мерц, повикувајќи ги социјалдемократите на канцеларот во заминување Олаф Шолц да се приклучат на коалицијата за формирање на идната влада.
Заедничкото решавање на проблемите на Германија ќе доведе до постепено одземање на темелите на оваа партија, додаде Мерц, кој вети дека ќе ја заостри миграциската политика.
Јенс Шпан, висок член на ЦДУ, изрази загриженост дека АфД е во позиција да стане водечка партија во Германија.
-Соочени сме со избор помеѓу доживување на ситуацијата во Франција, Холандија или Австрија, рече Јенс Шпан.
АфД се најде на второто место на изборите со 20,8 отсто од гласовите, двојно повеќе од нејзиниот резултат во 2021 година.
-Алтернатива за Германија (АфД) е во најдобра можна позиција да ја престигне конзервативната партија во следните четири години и со тоа да стане водечка партија на национално ниво, изјави денеска лидерот на АфД, Алис Вајдел.
Во однос на дијалогот со САД, Фридрих Мерц рече дека се надева дека ќе ги убеди Американците дека во нивен заеднички интерес е да имаат добри трансатлантски односи.
Мерц го поздрави интересот што го покажа британскиот премиер Кир Стармер за подобрување на врските со Европа, додавајќи дека двајцата разговарале неколку пати во последните недели.
-Силно го поздравувам фактот што Британија повторно бара блискост со Европа, со Европската унија, рече Мерц, чиј конзервативен блок победи на вчерашните избори со речиси 29 отсто од гласовите./МИА