Мелони со реакција, откако Италија ослободи Либиец баран од Меѓународниот кривичен суд (ВИДЕО)

28.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мелони со реакција, откако Италија ослободи Либиец баран од Меѓународниот кривичен суд (ВИДЕО)

Осама Елмасри Њем бил ослободен минатата недела по неколкудневен притвор по налог за апсење на МКС за наводни злосторства против човештвото, пренесува Ројтерс. МКС побара објаснување од италијанските власти и тврди дека Италија не била консултирана пред нејзината одлука, пренесе Индекс.

Мелони во објава на социјалните мрежи откри дека е осомничена за проневера и помагање и поттикнување кривично дело во врска со случајот.

Италијанската премиерка поради ова не мора да се повлече од функцијата, а фактот што е ставена под истрага во Италија не имплицира вина или значи дека ќе следуваат формални обвиненија.

„Нема да бидам уценувана и нема да дозволам да ме заплашуваат, а поради тоа, ајде вака, не сум сакана од оние кои не сакаат Италија да се промени и да стане подобра“, рече таа во видео објавата на нејзиниот Фејсбук профил.

Под истрага се и министерот за правда Карло Нордио, министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси и владиниот потсекретар за разузнавање, Алфредо Мантовано.

Њем бил управник на затворот во Триполи каде што наводно биле извршени злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, тортура, силување и сексуално насилство, од 2015 година до денес, според веб-страницата на МКС.

Тој е уапсен во Торино, а потоа ослободен неколку дена подоцна и се врати во Либија со владин авион. Италијанската опозиција ја обвини владата на Мелони дека им помага на либиските власти бидејќи од нив зависи да ги спречат илегалните мигранти да пристигнуваат на италијанските брегови, пишува Њујорк Тајмс.

Владата на премиерката ги отфрла овие тврдења и нагласува дека го ослободила Либиецот од процедурални причини. Италијанската полиција наводно го уапсила Њем пред да добие официјални барања од Министерството за правда, што ја прекршило процедурата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата