Мелони: Европа и САД мора повторно да се зближат, за доброто на Западот

29.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мелони: Европа и САД мора повторно да се зближат, за доброто на Западот

 Таа порача дека Европа треба значајно да придонесе за сопствената безбедност и дека Западот не треба да се сфаќа само како збир на интереси, туку како цивилизациска целина.

- Мислам дека целта на Италија е да ги приближи двата брега на Атлантикот колку што е можно повеќе, за да се зацврсти Западот. Кога велам Запад, мислам на вредности, не само на географија, рече Мелони.

Таа потврди дека нејзините односи со американскиот претседател Доналд Трамп се многу добри и дека дури и кога имаат различни ставови, меѓусебно се почитуваат.

Во врска со можно одржување на средба меѓу Трамп и лидерите на ЕУ во Рим, Мелони посочи дека техничките преговори се во тек за можен договор околу царински прашања. Според неа, можно е и одржување политичка средба, но засега без утврден датум. Ако се одржи во Рим, тоа би било признание за Италија, но дури и доколку се случи во Брисел или на друго место, тоа нема да го намали значењето.

Мелони ги отфрли тврдењата дека го дели италијанското општество и остро реагираше на критиките од левицата. Според неа, нејзините политички противници го жртвуваат националниот интерес поради идеолошка припадност.

Во однос на Украина, Мелони рече дека Италија останува на страната на Киев и дека ја поддржува секоја иницијатива што води кон праведен и траен мир. Таа ја поздрави изјавата на претседателот Володомир Зеленски за подготвеност за безусловен прекин на огнот и повика Русија да направи ист чекор.

За неодамнешната средба на Трамп и Зеленски во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, Мелони рече дека тоа бил „прекрасен момент“ и можеби „последниот подарок од папата Франциск за сите нас“.

На прашањето околу празното трето столче на таа средба, Мелони нагласи дека никогаш немала намера да присуствува, и дека „во тој момент, нејзиното место не беше таму“.

Во пресрет на 1 Мај, Денот на трудот, премиерката најави мерки за зголемување на безбедноста на работните места, наведувајќи дека е недозволиво секојдневно да се случуваат смртни случаи и повреди на работното место. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата