Израел денеска го обвини францускиот претседател Емануел Макрон дека започнал „крстоносна војна против еврејската држава“ откако Макрон ги повика европските земји да го заострат својот став кон Израел во врска со ситуацијата во Појасот Газа.
„Макрон не е заинтересиран за фактите. Нема хуманитарна блокада. Тоа е очигледна лага. Израел во моментов го олеснува влезот на помош во Газа преку два паралелни напори“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи, пренесе Еуроњуз.
Во соопштението се додава дека речиси 900 камиони со помош влегле во Појасот Газа оваа недела и дека се отворени дистрибутивните центри на Хуманитарната фондација за Газа, објави „Тајмс оф Израел“.
Глобалните организации за помош ја критикуваа недоволната количина на помош што е дозволена, како и дистрибуцијата на помош од страна на Израел преку фондацијата.
„Наместо да врши притисок врз џихадистичките терористи, Макрон сака да ги награди со палестинска држава“, додаде израелското Министерство за надворешни работи.
Додаде дека Макрон се стреми да воведе санкции врз Израел, кој е „нападнат на повеќе фронтови“, објави „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот весник, исто така, наведува дека обвинувањето за „крстоносна војна“ е сериозно, бидејќи крстоносците извршиле насилство врз еврејското население во Светата земја, но и во Франција и германските територии.
President Macron’s Crusade Against the Jewish State Continues.
— Israel Foreign Ministry (@IsraelMFA) May 30, 2025
The facts do not interest Macron.
There is no humanitarian blockade.
That is a blatant lie.
Israel is currently facilitating the entry of aid to Gaza through two parallel efforts.
In the first effort, nearly 900 aid… pic.twitter.com/cUr3xthnRK
Макрон претходно денес изјави дека европските земји треба „да го заострат својот колективен став“ кон Израел доколку земјата не одговори соодветно на хуманитарната ситуација во Газа.
Макрон, кој е во посета на Азија, на прес-конференција во Сингапур изјави дека Европејците мора да го заострат својот став кон Израел „доколку нема одговор што е пропорционален на хуманитарната ситуација што се развива во наредните часови и денови“ во Појасот Газа, објави телевизијата BFM.
Францускиот претседател рече дека признавањето на палестинска држава „не е само морална должност, туку и политичко барање“, наведувајќи неколку услови за преземање на чекорот, пред конференцијата на Обединетите нации на оваа тема, на која ќе присуствува на 18 јуни.
Макрон сè повеќе ја критикува она што го нарече „срамна“ политика на Израел во Газа и неговата целосна блокада на помошта за палестинската територија, која неодамна беше делумно укината.
Како одговор, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Макрон дека е антиизраелски настроен и дека е на страната на палестинската милитантна група Хамас.