Војникот им подлегнал на повредите здобиени во истата заседа во која во саботата беше убиен аѓутантот Флоријан Монторио, појасни шефот на француската држава. Според француските власти, заседата била организирана од проиранската група Хезболах, која дејствува во Јужен Либан – тврдење што либанското шиитско движење го негираше.
„Капларот Анисе Жирарден од 132. пешадиски полк од Суип, кој вчера беше вратен во татковината од Либан каде што беше тешко ранет, почина утрово од повредите“, напиша Макрон на социјалната мрежа „Икс“.
Тој додаде дека војникот го дал својот живот за Франција. Земјата, која утре ќе му оддаде почит на аѓутантот Флоријан Монторио, ќе му оддаде последна почит и на капларот Анисе Жирарден, дополни претседателот, изразувајќи сочувство до нивните семејства.
Макрон ги истакна „борбените задачи што примерно ги извршуваат француските војници во редовите на УНИФИЛ, служејќи со храброст и решителност како за татковината, така и за зачувување на мирот во Либан“.

