- Наваф Салам предупреди на ризикот од продолжување на воените операции на јужната граница, нагласувајќи дека тоа може да ја вовлече земјата во нова војна, со катастрофални последици за Либан, соопшти неговата прес-служба.
Се посочува дека Салам контактирал со министерот за одбрана „за да се осигура дека само државата има моќ да одлучува за војна и мир“.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир најави дека армијата „остро ќе одговори“ на ракетниот напад извршен изутрианва од Либан кон северен Израел.
- Армијата силно ќе одговори на нападите утринава. Либан има одговорност да го почитува договорот за прекин на огнот склучен на 27 ноември со либанското движење Хезболах, рече генерал Замир, кој претседаваше со состанокот на кој се оценуваше ситуацијата.
И израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека армијата ќе одговори на истрелувањето на три ракети од Либан кон северен Израел.
Израелските сили ги пресретнале ракетите, а засега никој не ја презел одговорноста.
Сирените за воздушен напад се огласиле во 7:30 часот по локално време во Метула, село во северен Израел што граничи со Либан.
Либанската новинска агенција (АНИ) јави дека израелски авиони го прелетале „источниот сектор“ на јужен Либан и дека во областа експлодирале проектили-пресретнувачи.
По нападот на палестинското движење Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година, Хезболах, неговиот шиитски сојузник во Либан, отвори втор фронт со истрелување ракети од јужен Либан кон северен Израел.
Договорот за прекин на огнот постигнат на 27-ми ноември стави крај на повеќе од една година непријателства, вклучително и двомесечно отворено војување.
Сепак, двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.