Хипер: Мора да го засилиме притисокот со цел Русија да се согласи на безусловен прекин на огнот

22.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хипер: Мора да го засилиме притисокот со цел Русија да се согласи на безусловен прекин на огнот

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас јасно порача дека ако Русија не се согласи на безусловен прекин на огнот во Украина, ЕУ ќе го засили својот притисок врз неа и веќе работиме на тоа, изјави денеска портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер. 

Таа додаде дека тоа што Русија сака да се ослободи од санкциите, значи дека тие функционираат и затоа треба да се зголемува притисокот врз неа.  

- Затоа во понеделникот го усвоивме 17-от пакет санкции и затоа веќе работиме на следниот пакет мерки, истакна Хипер. 

Во врска со временската рамка во која би можел да се очекува тој 18-ти пакет рестриктивни мерки кон Русија, Хипер истакна дека се работи тоа да се случи „што е можно поскоро“, но дека се ќе зависи од однесувањето на Москва. 

- Наративот дека Русија ја добива војната е лажен и неоснован. Тоа го гледаме во нивната осакатена економија, го гледаме во нивното очајничко барање помош од севернокорејските војници и од други за да ги поддржат, рече Хипер. 

Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо потврди дека санкциите и притисокот врз Русија биле тема и на телефонскиот разговор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со американскиот претседател Доналд Трамп. 

- Она што е важно да се напомене е дека тие се согласија за следните чекори, особено за фактот дека ќе има директни разговори меѓу Украина и Русија со учество на европски претставници. Каде ќе бидат точно, се уште треба да се одлучи. Она што беше позитивно е што претседателот Трамп останува ангажиран на оваа прашање, изјави Пињо, дека е особено важно што двете страни се согласиле за потребата од меѓусебно информирање за ситуацијата во Украина и особено за тоа кои би можеле да бидат идните чекори во врска со санкциите. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата